Во услови на тензичната ситуација на руско-украинската граница и дипломатските напори во пресрет на Минхенската безбедносна конференција викендот, Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) спроведе анкета на оваа тема.
Според паневропска анкета, нарачана преку Datapraxis, AnalytiQs и Dynata, мнозинството испитаници во Финска, во Франција, во Германија, во Италија, во Полска, во Романија и во Шведска веруваат дека Русија оваа година ќе изврши напад врз Украина. Или одделно по земји, позитивен одговор на прашањето за можен напад на Русија дале 44 отсто од испитаниците во Финска, 51 процент во Франција, Германија (52 отсто), Италија (51 процент), Полска (73 отсто), Романија (64 проценти) и Шведска (55 отсто) .
ЕЦФР констатира и интересна генерациска поделба. Луѓето над 60-годишна возраст во Франција и во Шведска се повеќе склони да веруваат дека инвазијата е веројатна, додека генерацијата на лица во Романија, во Италија, во Германија и во Финска кои се родени по крајот на Студената војна сметаат дека тоа е најреално сценарио.
Европските граѓани сметаат дека НАТО и ЕУ треба да застанат во одбрана на Украина во случај на руска инвазија. Европската Унија и НАТО, во сите анкетирани земји, се сметаат за организации кои се најдобро позиционирани да ја одбранат Украина. Тој процент, според анкетата, во Финска е (56 отсто ЕУ/59 отсто НАТО), во Франција (53 отсто ЕУ/55 НАТО), во Германија (47 отсто/50 отсто), во Италија (64 отсто/67 отсто), во Полска (80 отсто/79отсто), во Романија (57 отсто/63 отсто) и во Шведска (61 отсто/64 отсто).
На прашањето „кому му веруваат да ги заштити интересите на граѓаните на ЕУ во случај на руска инвазија на Украина“, најмалку пола од анкетираните во секоја земја ѝ веруваат на ЕУ дека ќе ги заштити.
Европејците гледаат засилени „безбедносни закани“ за нивните земји кои се јавуваат како последица на ставот на Русија кон Украина. Мнозинството од анкетираните веруваат дека сегашниот став на Русија кон Украина претставува „голема безбедносна закана“ за нивната земја во областите на енергетска зависност, економија, миграција, сајбер војна и воена акција.
Европејците ја гледаат енергетската зависност како нивни најзначаен заеднички предизвик во справувањето со Русија. Мнозинството во сите анкетирани земји, освен во Шведска (47 отсто), велат дека ставот на Русија кон Украина претставува безбедносна закана за нивната земја во таа област. Овој став е најизразен во Полска, каде 77 отсто од испитаниците го сметаат ставот на Русија кон Украина за голема безбедносна закана во областа на енергетската зависност.




