Сите вработени жени да носат хиџаб, оние кои не носат да бидат избркани, но и да им биде забранет влез во владини објекти, се вели во соопштението на талибанската религиозна полиција со насоки до министерствата и другите владини тела во Авганистан, јави агенцијата ДПА.
Германската агенција го цитира Садик Акиф Мухаџир, портпарол на Министерството за ширење доблест и спречување на пороци, кој наведе дека ова упатство досега им е предадено на осум владини тела.
Покрај тоа, владините канцеларии добиле инструкции дека вработените мажи и жени мора да имаат засебни работни простории и дека вработените мажи мора да се молат во текот на работното време.
Според упатството, се забранува и вработување на малолетници, како и на мажи без брада.
Веста доаѓа откако Министерството им нареди на таксистите да не земаат жени кои не носат хиџаб или не се придружувани од близок машки роднина, пренесе ДПА.
Минатиот месец, талибанската религиска полиција преку плакати на излозите и билборди побара жените да се покријат. Постерите покажуваа хиџаб и бурка.




