Признавањето од Русија на незаконското и еднострано прогласување „независност“ на сепаратистичките територии Доњецк и Луганск во Украина претставува очигледно кршење на основните принципи на меѓународното право, на територијалниот интегритет на Украина и договорите од Минск, соопштија утрово од Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчкото МНР потсетуваат дека Грција се залага за почитување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на сите држави и „ја осудува секоја одлука што е спротивна на овие основни принципи на меѓународното право“.
– Во рамки на обврските во Европската Унија и НАТО, Грција ќе се консултира и ќе се координира со своите европски партнери и сојузници во однос на одговорот на оваа одлука, соопшти грчкото МНР.
Поради ситуацијата во Украина, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за утрово закажа вонреден состанок на владиниот совет за национална безбедност на кој ќе присуствува и министерот за животна средина и енергија Костас Скрекас.
За напладне беше планирано Мицотакис да даде интервју за спортско радио, меѓутоа од неговиот кабинет, синоќа соопштија дека „поради последните случувања во Украина, интервјуто се одложува“ и најавија дека ќе го свика владиниот совет за национална безбедност.