САД и нивните сојузници за време на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, го осудија признавањето на областите под контрола на бунтовниците во Украина од страна на Владимир Путин и распоредувањето војници, оценувајќи како грубо кршење на меѓународното право и „изговор за војна“.
Во своето обраќање на седницата, американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд го одби тврдењето на Путин дека руските трупи ќе преземат мировна улога во областите Доњецк и Луганск.
– Тој ги нарекува мировници. Ова нема никаква смисла. Знаеме што се тие навистина, истакна Томас-Гринфилд.
Амбасадорот на Украина во ОН, Сергиј Кислицја инсистираше на тоа дека границите на неговата земја остануваат „непроменливи“ и покрај дејствијата на Русија.
– Москва се уште е „отворена за дипломатско решение“, изјави рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја.
– Сепак, да дозволиме ново крвопролевање во Донбас е нешто што немаме намера да го направиме, додаде тој, мислејќи на регионот што ги опфаќа Доњецк и Луганск.
САД денеска ќе објават нови санкции против Русија како одговор на одлуката на Москва да ги признае самопрогласените републики во источна Украина и таму да испрати „мировници“, соопшти Белата куќа.
„Планираме да објавиме нови санкции против Русија во вторник како одговор на одлуките и активностите на Москва“, изјави портпарол на Белата куќа. Тој додаде дека САД се координираат со сојузниците и партнерите во врска со тој чекор.
И Велика Британија денескаќе објави нови санкции против Русија. Ова го најави синоќа британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, откако рускиот претседател Владимир Путин призна два проруски сепаратистички региони во Украина како независни држави.
„Утре ќе објавиме нови санкции против Русија како одговор на нејзиното кршење на меѓународното право и нападот врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, објави Трас на Твитер.
Државите од Европската унија се согласија да воведат ограничен пакет санкции кон Русија откако Москва ја призна независноста на самопрогласените републики Доњецк и Луганск, изјави холандскиот премиер Марк Руте.
„Се договоривме да воведеме ограничен пакет санкции, што ќе бидат насочени кон одговорните за таа одлука“, изјави Руте во интервју за холандската телевизија.
Тој додаде дека денеска се очекуваат детали за таа одлука.