– ВМРО-ДПМНЕ владее на локално ниво, раководи со повеќе од половина од општините, а резултатите се еднакви на нула, вели пратеникот од СДСМ , Дарко Каевски.
Како локална власт, ВМРО-ДПМНЕ не ги исполнува ветувањата, немаат реализирани проекти. Тие само бараат пари од Владата а се луксузираат, трошат народни пари а ништо не работат. Во време на криза наместо за помош на граѓаните, наместо на проекти за развој на општините, тие парите ги трошат на луксуз и партиски вработувања. Ништо повеќе, дециден е Каевски.
Како пример за, како што вели, расипничкото трошење на парите на граѓаните, Каевски ја наведе набавката на скапи компјутери вредни околу 38.000 евра од страна на градoначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
– Неговиот колега од Ѓорче Петров, Александар Стојкоски потроши 6.000 евра за набавка на чоколади и сокови. Не може градоначалниците да немаат пари за струја да бараат од Владата да ги покрива, а тие да купуваат апетисани и да се луксузираат, да ги полнат јавните претпријатија со партиски војници. Уште еден пример е градоначалничката Данела Арсовска. Град Скопје годинава ќе потроши неверојатни 670.000 евра за вработување на 109 партиски кадри.Во исто време кога ги остави скопјани без парно па мораше Владата да им помогне. Во исто време кога секој ден се жали дека нема пари, вели пратеникот од СДСМ, Каевски.