Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, најави дека планираните санкции на Европската Унија (ЕУ) се силни и дополнително ќе се засилат ако биде потребно, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската Унија денеска дискутира за пакетот санкции против Русија, откако претседателот Владимир Путин синоќа најави признавање на самопрогласените републики во Доњецк и Луганск. Дебатите во ЕУ се водат на ниво на амбасадори на ЕУ во Брисел и на ниво на министрите за надворешни работи на ЕУ кои се наоѓаат во Париз под претседателство на високиот претставник за надворешна политика, Жосеп Борел.
Шефчович од Брисел рече дека „се наоѓаме на критична точка“ и дека кризата со Русија претставува најголема закана за безбедноста и стабилноста од Втората светска војна.
Украина не е закана за Русија, но лидерството во Русија ја ескалираше кризата со признавањето и со испраќањето на трупи, рече Шефчович.
Поради ова Европската Комисија е на став дека е потребен пакет на строги санкции против Русија и дека доколку Русија посегне по нови дејствија кои ја загрозуваат безбедноста, Европската Унија е подготвена дополнително да ги заостри тие санкции.
Извор: МИА