Санкциите на Европската Унија (ЕУ) ќе бидат насочени против 27 лица и субјекти кои го загрозуваат територијалниот интегритет на Украина, изјави шефот на европската дипломатија Жосеп Борел.
Тој на прес-конференција рече дека заедно со руските пратеници кои го поддржаа признавањето на сепаратистичките региони, ќе бидат погодени и банките кои ги финансираат носителите на клучните одлуки и нивните операции во Донбас.
Способноста на Русија и руската влада да дојдат до европски капитал на финансиските пазари и услуги, исто така, ќе бидат погодена од санкции. Тој додаде дека „санкциите ќе бидат само дел од одговорот на Европската унија“.
Претходно, шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан изјави дека ЕУ вечерва едногласно ги договори новите санкции против Русија по вчерашната одлука на официјална Москва да ја признае независноста на двата сепаратистички региона во источна Украина, Доњецк и Луганск.
И претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лејен одржа прес-конференција за санкциите против Русија.
„Го поздравувам договорот на членките на ЕУ за новите санкции против Русија, која создаде криза и е одговорна за ескалацијата. Наскоро ќе го финализираме пакетот санкции во соработка со партнерите“, изјави шефицата на ЕК.