Премиерите на Словенија и на Полска, Јанез Јанша и Матеуш Моравјецки испратија писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во кое бараат експресно доделување на кандидатски статус за Украина и да се понуди амбициозен план за нејзино членство во Европската Унија (ЕУ) до 2030 година, но под услов да ги исполни потребните критериуми.
Мора да направиме амбициозен и достижен план за брза интеграција на Украина во ЕУ до 2030 година. Планот мора да биде прецизен, со јасно дефинирани чекори, временски рокови и гаранции за членство до 2030 година, под услов да се исполнат потребните критериуми, се вели во заедничкото писмо на двајцата премиери.
Првата фаза на таквиот план би била одлука за признавање на европските перспективи на Украина и да ѝ се додели статус на земја кандидат штом го поднесе барањето за членство.
Јанша и Моравјецки додаваат во писмото дека сличен план треба да се направи за Грузија и за Молдавија, но и за сите партнери на ЕУ на Западен Балкан кои веќе имаат европска перспектива.
Процесот на пристапување на Украина во ЕУ треба да биде потпомогнат со големи финансиски средства, а од помош ќе биде и богатото искуство на ЕУ по неколкуте бранови на проширувања, истакнуваат двајцата премиери.
На тој начин, велат тие, украинскиот народ ќе добие стратешка надеж и мотив да опстои во одбрана на својата татковина, сувереност и демократија и дека реалните изгледи за членство би помогнале во фокусот на потребните реформи.
Тие притоа додаваат дека членството на Украина во ЕУ на никој начин нема да биде вперено против Русија и нејзините интереси.