Украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи воена состојба за целата земја откако рускиот претседател Владимир Путин започна руска инвазија на Украина.
Во изјавата објавена на Фејсбук, Зеленски рече дека Русија напаѓа воена инфраструктура и гранични трупи.
„Не паничете, ние сме подготвени на се, ќе победиме“, рече Зеленски, кој потоа телефонски разговараше со американскиот претседател Џо Бајден.
Министерот за надворешни работи Дмитриј Кулеба рече дека станува збор за голема руска инвазија на Украина.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников изјави дека непријателот започнал интензивно гранатирање на украинските единици на исток, како и на воените контролни центри и аеродроми.
Ројтерс јавува, повикувајќи се на очевидци, дека во главниот град на Украина, Киев, се слушнале сирени и дека се слушнале две големи експлозии во близина на крајбрежниот град Мариупол на истокот на земјата.
Сепаратистите поддржани од Русија во Доњецк, Украина, во четвртокот за руската новинска агенција Интерфакс изјавија дека извршиле големи напади врз украинските сили долж границата.
Русија привремено ги прекина летовите на голем број аеродроми до 2 март, јавува Ројтерс.