Украина се согласила да води преговори со руската делегација во Белорусија, јавуваат руските медиуми. Според РИА Новости, руската делегација од Минск заминала за Гомел.
Соопштението доаѓа само неколку минути откако истече рокот што претходно го постави руската делегација за почеток на преговори со Украина.
Делегацијата на Украина оди во Гомел во Белорусија на преговори со Русија, изјавија помошникот на претседателот Путин и шефот на руската делегација Владимир Медински, пренесе Спутник.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Андреј Руденко, изјави дека украинската страна треба самостојно да определи на кое ниво и во каков состав ќе биде претставена во преговорите со Русија.
„Секоја страна, обично во сите дипломатски преговори, самостојно го одредува нивото и составот што смета дека е неопходно, како на ниво на експерти, така и на ниво на самите шефови на делегации“, рече тој.
Претходно, претседателот на Белорусија Александар Лукашенко го коментираше одбивањето на Владимир Зеленски да разговара со руската делегација во Гомел. Според него, претседателот на Украина не ја донел оваа одлука сам.