Европскиот парламент усвои Резолуција со осуда на руската инвазија на Украина. За гласаа 637 од 676 пратеници, 13 беа против, а 26 беа воздржани.
Резолуцијата остро ја осудува руската воена агресија врз Украина, како и вмешаноста на Белорусија, и ја повикува Москва веднаш да ги прекине сите воени активности, да ги повлече воените и паравоените сили и опрема од целата меѓународно призната територија на Украина.
Од Русија се бара целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина во нејзините меѓународно признати граници.
Резолуцијата ги осудува и оние кои изразија поддршка за Русија по нејзината агресија врз Украина и ја пофали поддршката на земјите од Западен Балкан, кои се евроатлантски сојузници.
“Европскиот парламент со голема загриженост ги забележува постојаните напори на Руската Федерација за дестабилизација на земјите од Западен Балкан и попречување на нивните демократски процеси”, се вели во текстот.