Автор: Михаил Мице Бошковски
Иако најголемиот број на хитови ги сними во Франција и таму ја стекна славата како пејач и композитор, сепак Жо Дасен е Aмериканец со еврејско потекло. Роден е во Њу Јорк на 5 ноември 1938 година како Џозеф Ајра Дасен. Средното име Ајра (Ira), го добил по Ајра Гершвин (1896 – 1983), постариот брат на Џорџ Гершвин.
Ајра Гершвин e автор на голем број текстови за делата на својот славен помлад брат. Таквото име било по желба на неговата мајка Беатрис Лунер (1913 – 2005), виолинистка од која Жо Дасен ја наследил музикалноста.
Татко му Џулиус Дасен (1911 – 2008), подоцна познат како Жул Дасен е значаен во светската кинематографија како режисер на таканаречениот „film noir“ (филмови обично снимени во црно-бела техника со криминална содржина).
Жо Дасен со неговиот татко Жул Дасен
Жо Дасен како дете расте во Њу Јорк и Лос Анџелес. Но, кон крајот на 40-тите години во САД се појавува „Макартизмот“, или популарно наречен „Лов на вештерки“. „Макартизмот“ е наречен по Џозеф Макарти член на Републиканската партија на САД, сенатор на државата Висконсин, кој се залагал за прогонување на сите што се на страната на комунизмот, посебно за симпатизерите на Советскиот Сојуз.
„Ловот на вештерки“ кулминирал 1952/54 г. кога многумина, некои и без некоја особена причина, се следени, деградирани, омаловажувани, протерувани, па дури и затворани.
По некоја година, властите во САД ја согледуваат грешката и престануваат со прогонствата, а иницијаторите ги обвинуваат како најголеми прекршители на човековите права и слободи.
На еден од тие „црни“ списоци на режисери во Холивуд се нашол и таткото на Жо Дасен (по потекло руски Евреин), кој по убедување бил марксист, па во 1950 г. со семејството пребегале во Европа. Првин се селеле од држава во држава за на крајот да се приберат во Париз каде што бил центарот на пребеганите од САД.
Жо Дасен средното образование го завршил во Швајцарија, а за студиите сепак се одлучил да се врати во Америка и да студира во Мичиген.
По студиите повторно се враќа во Франција, но веќе неговите родители се разведени. Подоцна татко му се жени за грчката актерка и пејачка Мелина Меркури (1920 – 1994), но со филмовите добро му оди, па дури и освојува некои високи награди. Тој го режираше и ја играше главната машка улога во култниот грчки филм „Никогаш во недела“ (1960) со Мелина Меркури. Младиот Дасен, првин почнува да работи со татка му на филм.
Се чинеше дека и ќе остане во таа сфера бидејќи добро се снаоѓаше како асистент на снимање. Одигра и по некоја мала улога, а повремено и компонираше музика за некои филмови.
Набргу се засити од таа работа и се обиде да направи нешто повеќе, сметајќи дека има капацитет, сили и можности за такво нешто. Прво се вработува како водител на Радио Луксембург, за да некаде кон средината на 60-тите почне да компонира и снима музика за дискографската компанија СБС, која во тоа време отвора своја филијала во Франција, па Жо Дасен е првиот пејач што потпишува договор со нив.
До крајот на 60-тите снима неколку албуми со кои не побудува голем интерес, но во 70-тите неговата музика станува сè послушана, а тој сè повеќе баран како пејач и композитор кој освојува први места на листите за популарност и одржува турнеи кои завршуваат со концерт во „Олимпија“.
Покрај посебната надареност за музика, Жо Дасен говореше повеќе јазици. Беше вистински полиглот и затоа испеа песни на француски, англиски, германски, шпански, италијански и грчки. И нормално, неговите песни беа популарни во овие земји.
Дел од албумите се издадени и во тогашниот Советски Сојуз, бидејќи таму го сметаа за дете на родители кои се комунистички настроени и репресирани од капиталистичкиот систем на САД.
Без оглед на сето тоа, Жо Дасен сними неколку навистина извонредни песни од кои никој не можеше да остане рамнодушен. Посебно како добра се покажа соработката со текстописецот Пјер Делано (1918 – 2006) кој има напишано преку 5.000 текстови од кои 500 станале големи хитови.
Негови текстови ги пееле најславните француски шансониери и многу познати светски пејачи. За Жо Дасен ги напиша неговите најголеми хитови „Индијанско лето“ (автор на музиката е италијанскиот кант-автор Тото Кутуњо), „Елисејски полиња“ и „Кога ти не би постоела“.
Во приватниот живот Жо Дасен беше два пати женет. Со првата сопруга Марис Масира живееше од 1966 г. до 1977 г. Од тој брак се роди едно дете кое почина пет дена по породувањето. Со втората сопруга Кристин Делво се ожени во 1978 г. и има два сина.
Жо Дасен со втората сопруга Кристин Делво и едниот син
За жал, две години подоцна, на 20 август 1980 г. за време на годишниот одмор на Тахити, Жо Дасен почина од инфаркт. Имаше неполни 42 години. Погребан е во Холивуд.