Украина и Русија ја завршија втората рунда мировни преговори, при што се согласија да се креираат хуманитарни коридори за извлекување на цивилите од градовите. Постигната е согласност за испорака на лекови и храна до местата каде што се водеа најжестоките борби.
Рускиот преговарач Владимир Медински изјави дека разговорите постигнале „значителен напредок“ во услови кога руските сили ги опколија и бомбардираа украинските градови, при што конфликтот влезе во втората недела.
Советникот на претседателот Зеленски, Михајло Подољак, кажа дека преговорите не ги дале резултатите на кои Киев се надеваше.
– На наше големо жалење, разговорите не ги дадоа резултатите на кои сметавме. Но, постигнаа договор за заеднички напори за обезбедување хуманитарни коридори за евакуација и снабдување со лекови и храна до локациите со најинтензивни борби со можност за привремен прекин на огнот во областите каде што ќе има такви евакуации, рече Подољак по разговорите.
Подољак додаде дека двете страни предвидуваат можен привремен прекин на огнот за да се овозможи евакуација на цивили и создавање хуманитарни коридори за евакуација на цивилите.
Во меѓувреме според последниот биласн, најмалку триесет и три лица загинаа денеска во руски напад врз две училишта и станбени згради во северниот украински град Чернигов.
Претходно беше соопштено дека загинале 22 лица, иако се стравуваше дека бројката ќе биде поголема, бидејќи спасувачите се уште трагаат по жртвите и преживеаните под урнатините.
Снимките од службите за вонредни ситуации покажуваат како чад излегува од уништените станови, остатоци на земја и спасувачи кои пренесуваат тела.
Во Чернигов живеат околу 280.000 луѓе, а руската армија ја гранатираше станбената населба и покрај тврдењата дека мета на напади се само воени објекти и инфраструктура. Денеска е осми ден од почетокот на руската инвазија врз Украина.