Пумпањето на гас преку гасоводот „Јамал-Европа“ од Русија до Германија е прекинато од денеска во 9 часот по московско време, покажуваат податоците на германскиот оператор Гаскад (Gascade) и на аукциската платформа ГСА Платформ (GSA Platform).
„Гаспром“ вчера го закупи капацитетот на „Јамал-Европа“ од околу 750.000 кубни метри на час, што претставува речиси 20 проценти од неговата вкупна достава. Руската компанија може да го користи капацитетот од 8 часот по московско време на 4 март до 8 часот по московско време на 5 март.
Обемот на пумпање денеска од 8 до 9 часот по московско време бил 9.800 кубни метри на час, а од 9 часот по московско време преносот е целосно прекинат.
Гасоводот „Јамал-Европа“ е долг 2.000 километри, минува низ Русија, Белорусија, Полска и Германија и може да носи до 33 милијарди кубни метри гас годишно. Овој гасовод, заедно со „Северен тек“ и украинскиот систем за пренос на гас, е една од главните маршрути за извоз на руски гас во Европа.
Германија претходно соопшти дека почнала да купува гас од други добавувачи, заобиколувајќи ја Русија.




