Кандидат на Српската напредна странка (СНС) на престојните претседателски избори во Србија што се закажани за 3 април ќе биде лидерот на партијата, Александар Вучиќ, јави диописникот на МИА од Белград.
Владеачката СНС донесе одлука да го кандидра Александар Вучиќ за претседател на Србија на изборите на 3 април, соопшти премиерката Ана Брнабиќ по седница на Претседателството на СНС.
Брнабиќ кажа дека Вучиќ е кандидат и на коалицијата „Александар Вучиќ, заедно можеме се“.
Кандидатурата на Вучиќ ја подржаа и Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ, „Единствена Србија“ и Сојузот на војводинските Унгарци (СВМ).
Како и да свртите, изборите нема да бидат лесни, особено во вака тешки времиња. Затоа ни е драго што наш кандидат е Вучиќ, порача Брнабиќ.
Таа најави дека кампањата ќе почне на 7 март во Лесковац и дека ќе биде фокусирана на „визијата на Србија во следните пет години“.




