Украина нема да прави компромис за својот територијален интегритет во преговорите со Русија, но отворена е да преговара за „не-НАТО“ модел за иднината, порача член на украинскиот преговарачки тим вечерва за „Фокс њуз“.
Украина настојува да добие членство во Европската Унија (ЕУ) и во НАТО на што Москва се противи. Рускиот претседател Владимир Путин наведе дека можноста за украинско членство во НАТО е доказ дека НАТО врши агресија против Русија.
Одговорот што го добиваме од земјите членки на НАТО е дека не се подготвени ниту да преговараат за наше членство. Барем не во наредните 5 до 10 години. Подготвени сме да преговараме за „не-НАТО“ модел. На пример, би можеле да добиеме директни гаранции од различни земји, како САД, Кина, Велика Британија, можеби и од Германија и од Франција. Подготвени сме да разговараме и со поширок круг на земји, не само билатерално со Русија , туку и со други партнери, истакна преговарачот Давид Абрахамија.
Делегациите на Украина и на Русија веќе одраборија две рунди на преговори, откако Русија на 24 февруари ја нападна соседна Украина.
„Не-НАТО“ статус или МННА е назив што САД го додели на влади кои се блиски со сојузничките земји кои имаат стратешки односи со американските вооружени сили, но не се членки на Алијансата.
Нивниот статус не вклучува взаемен договор за одбрана со САД, но, сепак, носи различни воени и финансиски предности кои инаку не се достапни за земјите кои не се членки на Алијансата.