Претседателот на СОНК во струмичко – радовишкиот регион Никола Џорлев и секретарот Габриела Јанкова, се приклучија кон штрајкот со глад од солидарност кон тројцата професори од УГД „Гоце Делчев“ – Штип.
Во просториите на канцеларијата на СОНК во Струмица, го затекнавме претседателот Џорлев кој не информираше дека втор ден штрајкува со глад, а секретарката Јанкова им се придружила на колегите во Прилеп.
“Денеска е втор ден откако штрајкуваме во нашите регионални канцеларии и ќе продолжиме се додека не се реши ситуацијата со нашите колеги од штипскиот Универзитет. Сите наши членови доколку имаат желба може да се приклучат. Во моментов имаме само телефонски јавувања во знак на поддршка”, рече Џорлев.
Тој додаде дека во текот на овие два дена никој ги нема посетено, сега засега се чувствува добро, и дека нема потреба од медицинска помош.
Засега околу педесетина наставници и професори заедно со највисокото раководството на СОНК почнаа штрајк со глад од солидарност со тројцата професори од штипскиот Универзитет, Крсте Шајнкоски, Маргарита Матлиевска и Александар Костадиновски, кои 12 дена штрајкуваат во регионалната канцеларија во Штип.