Првиот човек на Агенцијата за Национална Безбедност Виктор Димовски во рамки на промоцијата на книгата „Основи на безбедност – Концепциски безбедносни пристапи” од професор д-р Марјан Ѓуровски која се одржа денеска во Скопје, се осврна на актуелната ситуација во поширокиот регион во контекст на воената интервенција на Русија врз Украина, коментирајќи дека тоа ги усложнило безбедносните состојби во Европа во целост.
-Непосакуваниот развој на настаните од руската агресија врз Украина во огромна мера ги усложни безбедносните состојби во Европа и глобално, но имаат реперкусии и врз националните безбедности на државите во регионот на Западниот Балкан. Сведоци сме на бегалска криза којашто расте и може да дојде до пет милиони иселени лица од Украина, ги сподели Димовски своите сознанија јавно.
Тој говореше дека паралелно земјава е континуирано изложена на разузнавачки интерес од земји кои се надвор од НАТО алијансата и ЕУ но и застапници на верски милитанти , поддржувачи на теории спротивни на западните вредности.
„ Во делот на контратероризмот, се справуваме со застапници на верски милитантни идеологии, но и верски групи кои пропагираат теории спротивни на западните вредности. Присутни се и моноетнички групи проследени со екстремна реторика, а организирани форми на криминал и висока корупција можат да ја поткопаат финансиската, а со тоа и целосната безбедност на државата, изјави Димовски.
Тој меѓу другото нагласи дека и натаму во центарот на активностите на Агенцијата остануваат сајбер заканите кон земјава и лажните вести на кои особено се подложни младите луѓе.
(М.Т.)