На свеченото отворање на конференцијата, покрај премиерот Ковачевски, се обратија и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј и претставничката на УНИЦЕФ во нашата земја Патриција Ди Џовани.


„Сите деца, без исклучок, го заслужуваат најдобриот можен почеток во животот. Првите средини кои што им го овозможуваат се пријателските воспитни и образовни институции. Докажано е дека децата коишто растат во поттикнувачка домашна средина и кои имаат шанса за организирани програми во предучилишното и првостепеното образование, постигнуваат подобри резултати и имаат подобри перспективи во животот“, оцени премиерот Ковачевски подвлекувајќи дека наша одговорност е да обезбедиме солиден социјален и емоционален развој во раните години на децата, кои подоцна во зрелоста ќе станат еманципирани граѓани, првенствено за себе, а потоа и за својата заедница.
„Затоа беше многу важна и одлуката за повторното отворање на училиштата за настава со физичко присуство. Јас, пред започнувањето на конференцијата, имав состанок со претставничката на УНИЦЕФ и таа изрази задоволство дека при носењето на одлуките на Владата, секогаш се водиме од препораките на Комисијата за заразни болести и секако од препораките на УНИЦЕФ како организација која има голем број емпириски студии на располагање, особено во областа на децата и нивниот воспитно-образовен процес“, посочи Ковачевски.
Тој додаде дека поддршката што ја даваме на децата во текот на нивниот развој е најголемата инвестиција и влог за нивна посигурна и попросперитетна иднина и за иднината на општеството.

На конференцијата учествуваат експерти за образование од регионот и пошироко споделувајќи искуства и податоци за најновите сознанија во областа на социо-емоционалното учење во раното детство и растечката важност на технологијата и дигиталните вештини, во насока на нивното поврзување со целокупната добросостојба на учениците и менталното здравје.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска со своето обраќање го отвори блокот дискусии за значењето на предучилишното образование, потребата од холистичкиот развој во детството и растечката важност на социо-емоционалното учење во раното детство.
На вториот ден од конференцијата, утре, предвидено е да се обрати и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој ќе ја отвори сесијата која опфаќа дискусии за тоа како образовниот систем да поттикнува иновација, конкурентност и напредок, истовремено негувајќи солидарност и добросостојба.