Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во разговор за порталот „Вајс“ (Vice), истакна оти мисли дека рускиот претседател ќе престане со непријателското однесување и дека, конечно, ќе дојде до вистински преговори, бидејќи се уверил во жестокиот отпор на Украинците на терен.
„Мислам дека ќе сака. Мислам дека гледа оти сме силни. Ќе биде, само ни треба малку време“, изјави Зеленски.
Пентагон процени дека Русија загубила 4.000 војници. Зеленски истакна дека Русија сè побавно напредува низ Украина и дека Русија, но и светот, се изненадени од силниот одговор на Украинците. Украинскиот претседател смета дека овие факти ќе го принудат Путин да го заврши судирот низ преговори.
Новинарот на „Вајс“ го праша Зеленски „дали може да му се верува на Путин?“, на што украинскиот претседател одговори „Да се верува? – О, не. Верувам само на моето семејство“.
Потоа следуваше прашање „дали може било што да се договори со Путин?“.
„Мораме, бидејќи да ја запреме оваа војна. Како да ја запреме? – Само со дијалог. И само преку дијалог со претседателот на Русија. Русија се бори со нас, таа влезе во нашите куќи, на нашите деца. Ние не ги викнавме“, потенцира Зеленски.
Неговата порака до Путин е „запрете ја војната, почнете да разговарате, само тоа“.
На прашањето што ако Путин не преговара, Зеленски одговори: „Мислам дека ќе сака. Мислам дека ќе сака. Мислам дека гледа колку сме силни. Само нѝ треба малку време“.




