Самостојниот синдикат за образование, наука и култура најавува генерален штрајк на 1-ви септември доколку под итно не се реши случајот на тројцата универзитетски професори од штипскиот универзитет кои речиси 2 недели штрајкуваат со глад. СОНК на вонредна седница во петокот донесе и одлука за протест пред Министерството за образование и наука, а доколку надлежните продолжат со инертниот однос, на 1-ви септември нема ќе се случи и штрајкот во сите основни и средни училишта, информираат од Синдикатот.
„Им изразуваме јавна благодарност на медиумите кои објективно и редовно информираат за сите значајни активности на нашиот синдикат. За оние кои ги игнорираат случувањата кои се од битен интерес за државата, СОНК најблаго кажано, изразува жалење за таквото однесување, особено за медиумите кои се финансираат од законската обврска за плаќање на радио – дифузна такса, како и од дотации од буџетот , што значи од даночните обврзници на државата.
СОНК пред Собранието и пред Агенцијата за медиуми ќе покрене постапка за преиспитување на законската обврска за плаќање на радио – дифузна такса за да се спречи обврската за плаќање, која се користи за селективно информирање“, алармираат синдикалците.