Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји рече дека неговата земја „не е страна“ во војната во Украина, пренесува агенцијата ДПА.
„Во телефонскиот разговор со неговиот шпански колега Хозе Мануел Албарес, Ванг порача дека неговата влада „не сака санкциите да влијаат на Кина“, се вели во денешното соопштение на кинеското Министерство за надворешни работи.
„Пекинг, во принцип, ги отфрла санкциите и „Кина има право да ги заштити своите легитимни права и интереси“, рече тој.
Тој го нарече конфликтот во Украина „производ на акумулација и интензивирање на европските безбедносни противречности низ годините“.
Ванг не се осврна на американските извештаи дека Русија побарала од Кина воена и економска помош по почетокот на војната во Украина, што портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи претходно ги нарече „злонамерни“ дезинформации на САД.
Министерството даде малку детали за седумчасовните разговори меѓу главниот кинески дипломат Јанг Џиечи и советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, Џејк Саливан. Двајцата имаа „искрени, длабински и конструктивни“ разговори, вклучително и за заладените односи меѓу Пекинг и Вашингтон во врска со Тајван.




