Тројца европски лидери денеска ќе престојуваат во Киев за да ја изразат „недвосмислената поддршка“ на Европската унија за Украина и да понудат финансиска помош, соопштија чешките и полските влади, јавува Њујорк Тајмс. Лидерите на Чешката Република, Полска и Словенија денеска ќе престојуваат во главниот град на Украина, Киев додека борбите беснеат низ градот, со 6 – 7 силни експлозии што го потресоа централното градско подрачје во претпладневните часови.
Како што се зголемуваат доказите дека напредувањето на Русија заглави на повеќе фронтови, разговорите меѓу руските и украинските преговарачи треба да продолжат денеска во обид да се дојде до дипломатско решение.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се обиде да го засили притисокот врз Кремљ, повторувајќи ги апелите до руските војници и граѓаните згрозени од војната да ги прекинат борбите. „Додека вашата земја целосно не се затвори од целиот свет, претворајќи се во многу голема Северна Кореја, мора да се борите“, рече тој во видео обраќањето на руски јазик.
Сепак, има малку знаци дека Кремљ ќе ги намали нападите, бидејќи се потпира на ракети со долг дострел и тешка артилерија за бомбардирање градови и други цели низ Украина.