Јавниот долг на Македонија изнесува 44,8% од БДП, покажаа пресметките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Во пари долгот изнесува три милијарди и 584 милиони евра, објави телевизијата Алсат-М.
Во оваа пресметка не влегува најновото задолжување на државата со половина милијарда евра преку еврообврзница. Доколку се додадат и овие пари, долгот на државата, во кој освен долгот на Владата влегуваат и долговите на Народната банка, Македонската банка за обнова и развој, општините и нефинансиските претпријатија, надминува 51% од БДП или над четири милијарди евра.
Само долгот на централната влада, според ММФ е 36,4 отсто, но со половината милијарда евра од еврообврзницата, овој долг ќе се искачи на 42,6 отсто од БДП или на 3 милијарди и 412 милиони евра.