За денеска е најавен телефонски разговор меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега, Си Џинпинг. Неколку часа пред разговорот на двајцата државници, се огласи портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи и порача дека Кина го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји во светот.
„Кина секогаш се залага за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, за почитување на целите и начелата на Повелбата на Обединетите Нации, придавање на важност на легитимните безбедносни грижи на сите земји и ги поддржува сите напори кои водат кон мирно решевање на кризи“, рече Жао, додавајќи дека „Позицијата на Кина е над сите, искрена и објективна“.
Жао денеска повтори дека некои луѓе во САД шират дезинформации за да извршан притисок врз Кина, што, како што истакна, е „крајно неодговорно и нема да помогне во решавање на проблемите“. Кина цврсто се противи на тоа, додава тој, и никогаш нема да прифати такво нешто.
„САД би требале сериозно да размислат за својата улога во украинската криза, со преземање на својата одговорност и конкретни работи за олеснување на ситуацијата и решавање на проблемот, наместо да долеваат масло на огнот и да го префрлаат судирот на други“, рече тој.
Жао потенцира дека на Украина ѝ треба храна, наместо оружје, а праќањето на воена помош на САД нема да донесе мир.




