Пред зградата на бугарската Влада денеска се одржа мирен протест за поддршка на лидерот на најголемата опозициска партија во земјат ГЕРБ и поранешен премир, Бојко Борисов, јави дописникот на МИА од Софија.
На приврзаниците на ГЕРБ се придружија и членовите на пратеничката група на партијата со барање за оставка на владата, итно ослободување на Борисов од притвор и предвремени избори во Бугарија.
Локалните медиуми забележаа дека ова е прв протест на партијата, откако е во опозиција. Сообраќајот во реонот на бугарската Влада беше блокиран, а имаше зголемено полициско обезбедување. Протестот потоа се пресели пред зградата на бугарското МВР.
Лидерот на ГЕРБ и долгогодишен бугарски премиер Бојко Борисов вчеравечер беше приведен на 24 часа, заедно со поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и владиниот пи-ар, Севдалина Арнаудова, поради злоупотреби во користењето на европските фондови и средства.
Борисов ноќта ја мина во Генералниот директорат на Националната полиција на Бугарија, а денеска треба да биде сослушан.