Украинската пратеничка Лесја Василенко вели дека рускиот претседател Владимир Путин сака да изгради царство какво што не е видено досега, а инспирација за тоа црпи од Сталин и од Хитлер. Затоа, нагласува таа, „колку поскоро биде задржан внатре во Русија, толку подобро за целиот свет“.
„Путин нема да запре во Украина. Неговите омилени новинари пишуваат за одење натаму и создавање на големо царство во Европа. Целта на Путин е да изгради царство, поголемо од што видел светот досега“, вели Василенко.
Таа смета дека Путин ќе продолжи со инвазијата и врз други европски земји, пренесува „Скај њуз“, а моментната ситуација во Украина ја спореди со состојбата од 1939 година кога Хитлер ја нападна Полска.
„Луѓето во Франција, во Велика Британија, исто така, седеа и велеа „станува збор за нив, не за нас, тоа е далеку“. Тоа беше почеток на Втората светска војна. Овде е потполно идентична ситуација“, нагласи Василенко.