Висок претставник на НАТО денеска предупреди дека Белорусија наскоро би можела да ја нападне Украина, но и дека земјата се подготвува да ѝ дозволи на Русија да распореди нуклеарно оружје на нејзина територија.
„Владата на Белорусија подготвува контекст за оправдување на белоруска офанзива во Украина, како и распоредување на руско нуклеарно оружје во Белорусија“, истакна високиот претставник на НАТО кој говореше под услов на анонимност.
Што се однесува до распоредување на руско нуклеарно оружје во Белорусија, тој нагласи дека таква одлука сè уште не е донесена, туку дека Белорусија, едноставно, ги повлекла сите потези за да го овозможи тоа.
„Не велам дека утре таму ќе биде распоредено нуклеарно оружје. Мислам дека Белорусите ги направија политички чекори за да можат да примат нуклеарно оружје, ако биде донесена таква одлука“, појасни тој.
Иако Белорусија ѝ дозволи на Русија да започне со дел од инвазијата на Украина од нејзина територија, сепак Алијансата, вели тој, нема конкретни докази за директно учество на белоруски трупи во војната.




