Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница го разгледа најновиот Квартален извештај и заклучи дека домашната економија и натаму засилено закрепнува, во услови на ниска инфлација и зголемена кредитна поддршка од страна на банкарскиот сектор.
Во текот на вториот квартал на 2014 година, Народната банка ја задржа основната каматна стапка на нивото од 3,25%. Ваквата одлука беше заснована врз најновите макроекономски проекции од април и последните остварувања кај клучните макроекономски и финансиски показатели. А
Анализите покажаа дека во услови на задржување на соодветното ниво на девизни резерви, намалени инфлациски притисоци и зајакната кредитна поддршка од страна на банкарскиот сектор, веќе се создадени предуслови за одржливо закрепнување на приватниот сектор и без дополнителен монетарен стимул, се вели во соопштението од НБРМ.
Клучните макроекономски параметри во домашната економија главно се движеа во согласност со проекциите од априлскиот циклус. Бруто домашниот производ оствари годишен раст од 3,9%, што е повисока стапка на раст од очекуваната за првиот квартал.
Главен двигател на растот и натаму е извозниот сектор, како ефект од зголемената активност на новите производствени капацитети во технолошко-индустриските развојни зони и постепеното засилување на надворешната побарувачка, смета Народна банка.