Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од Мариупол не останало ништо додека официјален Киев апелира до Москва да дозволи евакуација на цивилите од опколениот град.
„Таму повеќе не остана ништо. Само урнатини“, рече Зеленски во видео обраќање пред италијанскиот парламент, пренесе „Би-Би-Си“.
Мариупол, кој важи за клучна стратешка мета на Москва, издржа повеќенеделно руско ракетирање. Официјални лица нагласуваат дека жителите останале без вода за пиење, без храна, без лекови и без струја.
Според Зеленски, претставници на Мариупол истакнале дека руските сили фрлиле две големи бомби врз градот, но не изнеле детали за жртви и причинета штета.
„Уште еднаш е јасно дека окупаторите не се заинтересирани за Мариупол. Тие сакаат да го срамнат со земја и од него да направат пепел“, соопштија тие.