Лидерите на Групата седум економски најразвиени земји од состанокот во Брисел истакнаа дека се обединети во нивната решеност да го вратат мирот и стабилноста и да се придржуваат до меѓународните права и ја повторија својата осуда за воената агресија на Русија врз Украина.
„Остануваме згрозени и ги осудуваме разорните напади врз населението на Украина и цивилната инфраструктура, вклучително болници и училишта. Ги поздравуваме истрагите за меѓународните механизми, вклучително и обвинителството на Меѓународниот кривичен суд, и работиме заедно на собирање докази за воени злосторства“, стои во заедничкото соопштение на Г7.
Г7 ги повикува руските сили веднаш да обезбедат безбедни хуманитарни коридори до опколените градови и го повикува руското раководство да ги прекине непријателствата на украинска територија без одлагање.
Тие ја повикуваат Белорусија и другите земји да не и даваат воена или друга помош на Русија, да се воздржат од избегнување и заобиколување на веќе усвоените санкции против Русија и велат дека се подготвени да применат дополнителни мерки против режимот во Москва.
Русија, исто така, е повикана да ги почитува своите меѓународни обврски и да се воздржи од каква било активност што ги загрозува нуклеарните локации и укажува на штетноста на руските кампањи за дезинформација.
Од друга страна, лидерите на Г7 велат дека се обединети и решени да го поддржат „украинскиот народ во нивниот херојски отпор на неоправданата и нелегална руска агресија“ и најавуваат дека ќе ја зголемат поддршката и за Украина и за соседните земји.
Лидерите на САД, Канада, Јапонија, Германија, Франција, Италија и Обединетото Кралство велат дека ќе преземат дополнителни чекори за намалување на зависноста од руската енергија и ќе ги поддржат сите оние земји кои се подготвени „постепено да ја прекинат зависноста од рускиот гас и увоз на нафта.и јаглен“, сџе наведува во заедничката изјава на најмоќните 7 во светот.