Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска во Брисел, по повод потенцијалната руска употреба на хемиско оружје во Украина, изјави дека природата на одговорот ќе зависи од природата на употребата на тоа оружје.
Зборувајќи за тоа дали тоа ќе предизвика директна интервенција на НАТО во Украина, Бајден рече дека тоа „ќе го предизвика истиот одговор“, пренесува Би-Би-Си.
Американскиот претседател претходно изјави дека Русија треба да биде отстранета од групата Г20 на најразвиени земји и економии во светот.
„Мојот одговор е да“, рече тој на прашањето дали Русија треба да биде исклучена од Г20, пренесува Ројтерс.
Американскиот претседател денеска ги уверуваше европските партнери дека Кина разбирала оти нејзината економска иднина е поблиску до Западот отколку до Русија, откако го предупредил Пекинг дека би можел да се соочи со последиците од помошта на Москва во војната со Украина.
„Не се заканив, но јасно му кажав, за да ги разбере последиците од помагањето на Русија“, рече Бајден на самитот со европските лидери во Брисел, пренесуваат странските агенции.