Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Економист“ ги коментираше земјите кои ѝ помагаат на неговата земја во борбата со Русија и оние за кои смета дека не помагаат.
Тој упати остри критики кон францускиот претседател, Емануел Макрон бидејќи, како што вели, не ѝ пружиле воена помош на Украина.
„Зошто? – Затоа што се плашат од Русија. И тоа е тоа. А тие кои први ќе кажат дека ќе помогнат, тие први се плашат“, рече Зеленски.
Но, затоа го пофали Борис Џонсон.
„Да бидам искрен, Џонсон е лидер кој повеќе помага. Челниците на земјите реагираат според однесувањето на нивните гласачи. Во овој случај, Џонсон е пример“, коментира украинскиот претседател.
„Британија дефинитивно е на наша страна. Не балансира. Британија не гледа алтернатива за излез од ситуацијата. Британија сака Украина да победи, а Русија да загуби, но не сум подготвен да кажам дали Британија сака да биде вовлечена во војната или не“, вели Зеленски.
„Германија се обидува да држи рамнотежа. Имаат долги односи со Русија и на ситуацијата гледаат низ призма на економијата. Помагаат понекогаш. Мислам дека се обидуваат да се прилагодат во зависност од развојот на ситуацијата. Тие, исто така, гледаат како ситуацијата се одразува на нивната земја. Тие можат да помогнат, но постои ризик за нив во земјата ако го сторат тоа и може да престанат кога ќе воочат дека доволно направиле“, истакна претседателот на Украина меѓу другото во интервју за „Економист“.