Гувернерот на Оклахома, Кевин Стит потпиша закон со кој на трансродовите спортисти им се забранува да учествуваат во училишен спорт за девојчиња.
„Го штитиме женскиот спорт, обезбедуваме рамноправни услови за спортистките“, рече републиканецот Стит.
„Кога станува збор за спортот, девојчињата треба да се натпреваруваат со девојчиња, додека момчињата треба да се натпреваруваат со момчиња. И да бидеме на чисто, тоа е се што вели овој закон“, додаде тој.
Оклахома стана 12-та сојузна држава во САД што усвои закон со кој се забранува трансродовите девојки да учествуваат и да се натпреваруваат во женски спорт на училиште. Слични предлог закони во минатата недела беа усвоени во Аризона и во Кентаки.
Американските центри за контрола и превенција на болести во 2019 година проценија дека само 1,8 проценти од средношколците во земјата се трансродови, а групата Human Rights Campaign тврди дека според истражувањата, само околу 12 отсто од нив играат во женски спортски тимови.
Во последните месеци големо внимание привлече случајот со американската пливачка Лиа Томас (22), која до пред две години беше машко.
Како Вил Томас, тој три години се натпреварувал во машка конкуренција, пред да го промени полот. По промената на полот, Лиа мораше да чека една година за да почне да се натпреварува во женска конкуренција и сега соборува бројни рекорди.
Според правилата на Националната колегиумска атлетска асоцијација (NCAA), на Томас ѝ било дозволено да се натпреварува во женски дисциплини бидејќи ја завршила потребната едногодишна терапија со тестостерон.