Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг убиствата на цивили во градот Буча северозападно од Киев ги оцени како неприфатлива „бруталност“.
„Тоа е бруталност кон цивилите, каква што не сме виделе во Европа со децении. Ужасно е и апсолутно неприфатливо да се пука во цивили и да се убиваат едни со други. А тоа само ја нагласува важноста дека оваа војна мора да заврши“, рече Столтенберг за Си-Ен-Ен.
И Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека фотографиите од големиот број Украинци убиени во Буча се ужасни и дека оние што ги извршиле тие убиства ќе одговараат за воени злосторства.
„Не смееме да го нормализираме ова. Ова е реалноста на она што се случува секој ден додека руската бруталност над Украина продолжува“, изјави Блинкен за Си-Ен-Ен.
Тој истакна дека се ќе се истражи и ќе се стави на едно на место „за да се увериме дека релевантните институции и организации ќе го проверат тоа, вклучително и Стејт департментот“.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги опиша фотографиите од Буча како неподносливи.
Макрон го сподели своето сочувство со Украинците и жртвите, додавајќи дека „Руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства“.
Шефот на германската дипломатија Аналена Бербок денеска изјави дека Русија мора да плати за своите, како што рече, „воени злосторства“ во украинскиот град Буча, недалеку од главниот град Киев, во форма на построги санкции.
„Сликите од Буча се неприфатливи, нескротливото насилство на Путин ги брише невините семејства и не познава граници. Одговорните за овие воени злосторства мора да одговараат. Ќе ги заостриме санкциите кон Русија и уште повеќе ќе и помогнеме на Украина во одбраната“, напиша Бербок на Твитер.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика меѓународните организации како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да им биде дозволен пристап до погодените области со цел независно да се документира она што тој го опиша како „ѕверство“.
Шолц, исто така, ја повика Русија конечно да се согласи на прекин на огнот и да ја запре оваа „страшна, бесмислена и неоправдана војна“.
Во масовната гробница во украинскиот град Буча, во близина на Киев, пронајдени се 57 тела на убиени цивили, изјави денеска шефот на локалниот спасувачки тим Серхи Каплични.
Претходно, на социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат безживотни тела на улиците на градот Буча. Дел од западните медиуми објавија дека најмалку 20 мртви мажи во цивилна облека биле пронајдени на една улица откако украинските сили вчера ја вратија контролата врз Буча.