Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ја обвини Русија за злосторствата во Буча и вети помош при собирањето докази за одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата. Тој додаде дека блокот од 27 земји ќе воведе повеќе санкции кон Русија. Постојаните претставници на 27-те земји-членки на ЕУ ќе се состанат во среда за да разговараат за новиот пакет санкции, изјавил Мишел. Според извори на Фајненшл тајмс, ќе се разговара за ембарго за увоз на руски енергетски извори како јаглен, нафта и природен гас, како и забрана за влез на руски бродови во европските пристаништа. Досега, неколку големи земји, на чело со Германија, се спротивставија на таквото ембарго, но гласовите за негово воведување растат и таму. Германскиот министер за одбрана зборуваше за поддршка на ембаргото.
„Мора да има одговор. Таквите злосторства не смеат да останат без одговор“, рече Кристин Ламбрехт, во интервју за АРД.
Берлин досега се спротивстави на повиците за ембарго за увоз на енергија од Русија, велејќи дека германската економија и економиите на другите европски земји се премногу зависни од неа.
Русија испорачува 40% од европскиот природен гас. Министерот за економија Роберт Хабек го повтори ставот на владата во настап на ЗДФ, велејќи дека Германија ја намалува зависноста од руската енергија, но не може веднаш да се откаже.