За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 18.2 отсто од испитаниците aко утре се одржат парламентарни избори, покажуваат резултатите на анкетата спроведена од ИПСОС од 2 март до 15 март годинава.
Анкетирани се 1.007 испитаници, а анкетата е направена за потребите на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е политичар со најголема доверба, претседателот Стево Пендаровски е на второ место, а трет е премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
На прашањето, за кој би гласале доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори 9.5 отсто рекле дека ќе гласаат за СДСМ, 4.1 отсто за ДУИ, 4 отсто за Левица, 3.5 отсто за Алијанса за Албанците, 1.2 отсто за Беса, о.7 отсто за Алтернатива, 0.4 отсто за ДПА, 0.2 отсто за ЛДП, 1.2 отсто за други политички партии, а 16.5 отсто од испитаниците биле неодлучни, 15.8 отсто одбиле да одговорат и 24.6 отсто рекле дека нема да гласаат.
Највисок рејтинг од политичарите има Мицкоски, со 9 проценти, втор е претседателот Стево Пендаровски со 6 отсто, трет е премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски со 4 отсто, па следува лидерот на Левица Димитар Апасиев со 3 отсто, Али Ахмети со 3 отсто, Зијадин Села со 2 отсто и Зоран Заев со 2 отсто.
На прашање дали се согласуваат Македонија безусловно да ги вклучи Бугарите во Уставот ако Бугарија писмено гарантира дека ќе го тргне ветото и дека земјава ќе почне преговори со ЕУ позитивно одговориле 20 отсто.
Анкетата покажува дека 39 отсто од испитаниците рекле дека земјава треба да бара реципроцитет од Бугарија, 10 проценти се изјасниле дека треба безусловно да ги вклучи Бугарите во Уставот и покрај тоа што Бугарија не гарантира почеток на преговори со ЕУ, а 31 отсто одговориле дека не знаат кое решение е најпаметно.