Поранешниот прославен македонски фудбалски репрезентативец Артим Шакири денеска е назначен за в.д. тренер на Шкендија, ден откако актуелниот шампион ја раскина соработката со босанскиот стратег Бруно Акраповиќ.
Како што соопштија тетовските „црвено-црни“, Шакири ќе ја извршува тренерската должност до назначување на перманентно решение на чело на стручниот штаб, а по завршување на сезоната ќе ја преземе функцијата спортски директор на Шкендија.
Шакири како фудбалер беше дел од Шкендија во сезоната 2007/08, а веќе седеше на клупата на тетовскиот клуб во натпреварувачката сезона 2012/13.
Шкендија вчера ја прекина соработката со Акраповиќ по неделното реми без голови на домашен терен против Борец, што клубот од Тетово го остави на второто место со 13 бодови заостанување зад лидерот Шкупи.