Украинските маринци кои го бранат Мариупол се обратија до јавноста со еден вид проштално видео. Припадници на 36-та бригада на маринци порачуваат дека ќе останат да се борат до крај, иако истакнаа дека не им е испорачано оружјето што им е потребно.
„Ние сме 36-та бригада на маринци која ја држеше и сè уште ја држи одбраната на Мариупол. Но, реалноста е таква каква што е, градот е опкружен и не нѝ е доставено оружје и муниција. Цела Украина мора да ја запамети борбата на овој отпор и борбата за конечна победа. Украино, Европо, свету, до крај сме посветени на Украина“, порачаа маринците.
„Го браневме секој дел од овој град, најдобро што можевме“, додадоа тие.
Тие го испратија видеото на новинарка на украинската телевизија „1+1“. Не е познато уште колку маринци на таа бригада се живи. Покрај нив, во одбраната на Мариупол учествуваа и борци на баталјонот „Азов“.