Незадоволен од висината на изречената кривична санкција, надлежниот јавен обвинител од скопското обвинителство денеска вложи жалба против првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за сообраќајната несреќа која се случи на 20 јануари во близина на трговски центар во Карпош.
Надлежниот обвинител во образложението на жалбата до Апелацискиот суд во Скопје вели дека „судот не ја одмерил адекватно казната, бидејќи ги применил одредбите за ублажување на казната, иако не постоеле законски услови за тоа“.
Според пресудата врз основа на признание на вина, на 11 април годинава, Основниот кривичен суд го огласи за виновен обвинетиот Ј.Ѓ. за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Судот го осуди на казна затвор од три години, во која се засметува и времето поминато во притвор и му изрече казна – забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија во траење од три години од денот на правосилност на пресудата.
Спротивно и на членот 35 од Законот, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, обвинетиот управувал со автомобилот со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба.
Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Еден од пешаците, девојка на возраст од 24 години, притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница.
При одредувањето на казната, Судот како олеснителни околности ги ценел признанието на вина од страна на обвинетиот, изразеното каење и свест за противправноста на стореното, како и фактот дека станува збор за млада личност која претходно не била во судир со законот. Сепак, надлежниот јавен обвинител цени дека во конкретниот предмет првостепениот суд во поголема мера ги ценел олеснителните околности, на сметка на отежнителните – начинот на сторување на делото, зачестеноста на овој вид кривични дела и особено фактот дека во несреќата е изгубен млад човечки живот. Јавниот обвинител наведува дека оштетените со ништо не придонеле за да се случи сообраќајната несреќа и прописно ја поминувале улицата на обележан пешачки премин.
Јавниот обвинител смета дека со висината на изречената казна од првостепениот суд нема да се постигнат целите на казнувањето на планот на генералната и на специјалната превенција на овој вид кривични дела.
Исто така, во жалбата се наведува дека и висината на изречената споредна казна – забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија исто така е незадоволителна. Судот пресуди таа казна да изнесува 3 години. Имајќи ги предвид околностите под кои е сторено делото и тешките последици, таа забрана треба да трае 5 години, колку што максимално дозволува материјалниот закон, вели обвинителот во жалбата.