Украинските сили ќе продолжат да го бранат Мариупол, и покрај ултиматумот на Русија, соопштија попладнево официјални лица на јужниот пристаништен град во Украина.
Советник на градоначалникот на Мариупол одговори на барањето на руското Министерство за одбрана за предавање на украинските војници кои и натаму пружаат отпор на руските напади, порачувајќи дека борбата за градот продолжува.
„Окупаторите во саботата вечер најавија дека ќе обезбедат „коридор за предавање“ за преостанатите трупи. Но, нашите бранители продолжуваат да ја држат одбраната на градот“, рече Петро Андриушченко на „Телеграм“, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Мариупол е стратешко пристаниште на Азовското Море и се наоѓа во центарот на напорите на Русија за поврзување на нејзините сили на истокот со југот на Украина.
Андриушченко додаде дека отпорот кон Русите продолжува подалеку од челичарницата Азовстал, гигантски комплекс кој е бастион на украинските сили кои се борат за Мариупол.
„И покрај желбата на окупаторот да прикаже дека местото на непријателство е ограничено на челичарницата Азовстал, тоа не одговара на вистината. Синоќа дојде до борби во улицата Тагарни која е на пет километри од Азовстал“, додаде тој и нагласи дека руските сили во текот на борбите повторно користеле тешка артилерија и гранатирале приватни станбени објекти.