„Тие податоци може важат за некоја категорија луѓе, ама кога ќе земете за средниот слој, тој оди кон сиромаштија и сè потешко живее“, велат граѓани за Радио Слободна Европа.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини упатува на тоа дека растот на економијата се мери според други показатели кои и не можат да се пресметаат, но и остануваат долго време недостапни за јавноста.
„Нека кажат каков раст имаме откако се дојдени, еве веќе ќе почне девета година, колку се пораснати платите, колку е растот на БДП-то, колку инвестиции влегле, ова се параметри кои зборуваат за евентуално задоволство“, посочува Хајредини во изјавата за РСЕ.
Вакви податоци воопшто и не може да има оваа држава затоа што и не се знае точната бројка на жители, укажува Хајредини и потсетува на неодамнешните предупредувања од страна на ММФ кои се однесуваат и на дефицитот и на инвестициите. Тој е на мислење и дека јавноста не е запознаена со точните информации за движењата во стопанството. Ако се читаат внимателно извештаите на ЕК за напредокот ќе се видат постојано истите сериозни забелешки, додава Хајредини.
„Оценката за менаџирање и управување со јавните финансии е катастрофална и состојбата се влошува од година в година, пишува изрично во извештајот“, вели Хајредини и заклучува дека ако нема раст на животниот стандард и запирање на одливот на работната сила, која е тогаш целта на економскиот раст.
Во вториот квартал од годинава, според Народната банка на Република Македонија, продолжиле поволните трендови во економијата. Кредитите бележат раст, особено на приватниот сектор, а ликвидноста на банките во јули е зголемена. Според НБРМ, поволни поместувања се забележуваат кај повеќето клучни сектори.