Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров и еден од најдобрите централни бекови, Филип Миркуловски вечерва за последен пат ќе заиграат за репрезентацијата. Двајцата ќе бидат дел од македонската селекција во реваншот против Чешка за пласман на Светското првенство 2023.
Првиот меч во Злин пред четири дена заврши 24:24, па Лазаров, кој ја извршува и селекторската функција, посакува било каква победа и остварување на целта – задржување на континуитетот на учества на големите натпреварувања.
„Верувам дека со помош на 7.000 наши навивачи, кои ќе ни бидат „ветар во грб“, а не психолошки притисок, ќе ја победиме Чешка. Најважно е да победиме без разлика дали тоа ќе биде со еден, два или повеќе голови. На нивни терен покажавме дека имаме квалитет. Знам и дека Чесите за реваншот се добро подготвени и воопшто нема да ни биде лесно“, изјави Лазаров.
Натпреварот ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ вечер со почеток во 19 часот. Сите билети се распродадени, па се очекува огромна поддршка од трибините за македонските ракометари.