Во руската инвазија е уништено или оштетено до 30 отсто од украинската инфраструктура во вредност од 100 милијарди американски долари, рече украинскиот мкинистер за инфраструктура, Олександар Кубраков. Земјата досега не изнесуваше проценка на конкретните последици од војната по инфраструктурата, како мостови и улици, иако официјални лица велат дека вкупната причинета штета, од инфраструктура до куќи, згради и други објекти, би можела да изнесува околу 500 милијарди долари.
„Сите делови од нашата инфраструктура се, практично, настрадани на некој начин“, изјави министерот Кубраков за „Ројтерс“.
Тој рече дека руската инвазија погодила „од 20 до 30 отсто од целокупната инфраструктура, во различни мерки, со различни нивоа на уништување“.
Кубраков додаде дека над 300 моста на државните патишта се уништени или оштетени, повеќе од 8.000 километри улици ќе мора да бидат поправени или обновени, додека десетици железнички мостови се дигнати во воздух.
„Ако говориме за улици, мостови и станбени згради, верувам дека, речиси, се може да се обнови за две години, ако работиме брзо“, истакна Кубраков.