Русија денеска протера 15 холандски и неодреден број на белгиски дипломати, прогласувајќи ги „персона нон грата“, јави турската агенција „Анадолија“.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за 14 вработени во холандската амбасада во Москва и еден вработен во холандскиот конзулат во Санкт Петербург. Дипломатите имаат рок од два дена да ја напуштат Русија.
„Овој чекор е преземен како одговор на протерувањето од 29 март на 18 вработени во руската амбасада во Хаг, руската трговска мисија во Амстердам и руската мисија во Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW), соопшти Министерството.
Во соопштението се додава дека Холандија не може да ги злоупотребува своите права и привилегии, како земја домаќин на OPCW, и дека Хаг мора строго да се придржува до Договорот од 1997 година за седиштето на OPCW.
Во посебно соопштение, Министерството нагласи дека го повикале белгискиот амбасадор Марк Микилсен и го информирале за протерувањето на белгиски дипломати од Москва, кои мора да заминат до 4 мај.
Холандија и Белгија протераа руски дипломати поради наводна шпионажа, откако односите меѓу Русија и Европската Унија дополнително се влошија поради руската војна против Украина што започна на 24 февруари.