Американскиот претседател, Џо Бајден му кажал на поранешниот претседател, Барак Обама дека планира да се кандидира за втор претседателски мандат во САД на изборите во 2024 година, објави весникот „Хил“, повикувајќи се на свои извори.
„Тоа е последната индикација дека Бајден планира да се кандидира за втор мандат“, пишува весникот.
Белата куќа одби да го коментира текстот, наведува весникот, а советникот на Бајден додаде дека самиот претседател јавно изјавил оти планира да се кандидира за втор мандат.
Весникот пишува дека плановите на Бајден да се кандидира за реизбор може да бидат спречени само поради неговиот низок рејтинг. Според неодамнешната анкета на „Си-Ен-Би-Си“, само 38 отсто од Американците ја одобруваат работата на Бајден како претседател, а 53 отсто не ја одобруваат. Исто така, само 35 отсто од испитаниците ја одобруваат неговата економска политика.
„Покрај бурните политички проблеми и нискиот рејтинг, и возраста на Бајден предизвикува дополнителни дилеми“, пишува весникот.
Бајден во моментот има 79 години и на почетокот на вториот мандат, доколку победи на изборите во 2024 година, ќе наполни 82 години.