Европската комисија (ЕК) смета дека зголемувањето на платите во Германија е неопходно за да може оваа земја да им помогне на своите европски соседи кои имаат проблеми, изјави европскиот комесар задолжен за социјални работи Ласло Андор во неделното интервју “Ди Велт”.
“ЕК смета дека Германија треба да ги зголеми јавните инвестиции, да ја стимулира понудата и да го намали својот висок трговски вишок бидејќи сите тие прават штета кај нејзините европски соседи. За таа цел неопходна е промена на политиката на платите”, изјави Андор.
Тој додава дека зголемувањето на платите доцни во однос на еволуцијата на продуктивноста во последните 10 години: “Би било добро доколку платите се зголемуваат паралелно со продуктивноста”.
Германија води политика на ниски плати веќе со години и тоа е одлучувачки фактор за компетитивноста на фирмите. Со оглед на тешката ситуацијата во која се наоѓа еврозоната, оваа идеја за повисоки плати во Германија кои би им помогнале на другите земји, е веќе споменувана. Нејзините приврзаници мислат дека на тој начин зголемените плати во Германија би го корегирале диференцијалот на компетитивноста и би ја стимулирале куповната моќ на земјата која е најголемиот пазар во оваа зона.
Помеѓу приврзаниците на идејата се наоѓаат и некои социјал-демократи во Германија кои беа иницијатори на воведувањето минимална плата која треба да стапи на сила на 1 јануари 2015 година.
Сепак, според последните вести според кои германската економија забавува најверојатно ќе ги засени овие барања за повисоки плати. Да потсетиме дека германскиот развој падна за 0,2 отсто помешу април и јуни. Газдите на фирми во Германија веќе предупредија дека секторските преговорите за плати ви наредните месеци нема да се одвиваат лесно.