Македонската народна песна прозвучи во Куета, Пакистан. За прв пат во овој дел од светот. Првиот колаборативен проект кој ги спојува Македонската и Хазарги култура, по неколкумесечна работа и подготовки, на 17-ти август, ја доживеа своја јавна презентација во срцето на Хазара заедницата во Балочистан.
Snoshti – Man Wa Thu from Ana Simonovska on Vimeo.
„Универзалниот јазик на музиката со неговата уникатна моќ да обединува дури и онаму каде што се чини дека има толку малку заеднички работи, повторно го покажува својот потенција во еден возбудлив и уникатен заеднички проект. Две богати култури направија фузија преку едно единствено парче уметност“, ќе напишат авторите на оваа навистина нежен и возбудлив препев на една од препознатливите македонски мелодии.
Нежната мелодија на „Сношти сакав да ти дојдам“ толку природно ги носи стиховите на Хазарги поезијата, кои, пак, се „топат“ во прекрасната атмосфера на една од најубавите Македонски народни песни. Како вокални изведувачи на песната се јавуваат Ана Симоновска и Шаабдула Алами, а свој уддел како перкусионист има талентираниот Мучи Хабиби.
Присутните на презентацијата, преку проекција на видео материјали, презентација на народни носии, меѓу кои и една Македонска носија, кои домаќините самите ја изработија, воедно имаа можност да се запознаат со културното богатство и природните убавини на Македонија.
Музиката повторно ја покажа својата огромна моќ да ги надмине разликите и спои два навидум далечни светови.
За Хазара заедницата
Хазара заедницата главно живее во централен Авганистан, каде се третата најголема етничка група, околу 650 илјади живеат во соседен Пакистан и еден милион во Иран. Следбеници се на Шиа Исламот, а зборуваат Фарси (Персиски), Дари (Персиски дијалект што се зборува во Авганистан) и Хазарги (јазик кој претставува комбинација на Фарси, Дари и Монголски зборови).
Потеклото на Хазарите не е целосно реконструирано. Нивните физички атрибути, структурата на коските на лицето и делови од нивната култура и јазик наликуваат на оние кај Монголите и Турците во Централна Азија. Генетски тестови делумно го поддржуваат популарното верување дека Хазарите имаат Монголско потекло, односно дека се потомци на Џингис Кан.
За Ана Симоновска
Дипломиран музичар, теоретичар и педагог, свири пијано, македонски народни инструменти и гитара. На македонска музичка сцена дебитираше со настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година, кога ја отпеа „Дојди ми“, потоа на националниот избор за Евросонг во 2002-ра се претстави со „Како ми е мене“ и во 2009-та со „Добар крај“. Подоцна во ноќните клубови следеа бројни настапи во живо со бендот Барбут, од чија соработка се роди песната„Собери сила“, а самостојно ги сними „Застани“, „Студени“, „Where do we go“, „Сега си ти“ и „Пријател“.
Пред половина година, Ана Симоновска се враќа со видео записот за песната насловена „Утро без тебе“, чии музика и текст и ги потпишува самата, додека за аранжманот се погрижи Дарко Тасев, а за продукцијата е одговорен Златко Симионски, „До-Ре-Ми“студио. Покрај Тасев и и Симионски, Ана има соработувано и со Кристијан Габроскии, Валентино Скендеровски.
Ана речиси 2 години живее во Исламабад, Пакистан, каде оствари успешна соработка со музичкиот продуцент Таимур Мирза, со интернационалниот бенд „Кhaas Collaboration“, а имаше и самостојни настапи.