Со звуците на европската химна „Ода на радоста“, старо-новиот француски претседател Емануел Макрон синоќа пристигна под Ајфеловата кула, придружуван од неговата сопруга Брижит и децата, како симбол на неговата програма за новиот петгодишен мандат кој сака да биде со фокус на најмладитe, јави дописникот на МИА.
„Благодарност до сите активисти, волонтери, сопатници и избрани функционери кои ме придружуваа од самиот почеток. Знам дека сите работевте напорно. Вистината доаѓа со чукање во срцето, а јас знам што ви должам. Сакам да се заблагодарам и на сите Французинки и Французи кои ми дадоа доверба за да го реализираме нашиот проект за понезависна, посилна Франција, да се осигураме дека проектите ќе се реализираат и да ја направиме Франција голема еколошка нација“, рече Макрон.
Тој притоа нагласи дека „не е повеќе кандидат на еден табор, туку претседател на сите Французи“.
„Знам дека многу сонародници гласаа за мене и за да ги блокирам идеите на крајната десница. Сакам да порачам оти сум свесен дека овој глас ме обврзува за годините што доаѓаат. Јас сум чувар на нивната приврзаност кон Републиката. Мислам и на сите наши сонародници кои апстинираа. Нивниот молк значеше одбивање да изберат на што мора да одговориме ние, но мислам и на оние кои гласаа за Марин ле Пен чие разоочарување го знам“, смета реизбраниот претседател.
Макрон притоа им наложи на своите активисти да не „свиркаат“.
„Во старт ве замолив да не свиркате, бидејќи од сега повеќе не сум кандидат на еден табор, туку претседател на сите. Знам дека за многу наши сонародници кои ја избраа екстремната десница, гневот и несогласувањата што ги наведоа да гласаат за овој проект, нè принудуваат да најдеме одговор. Тоа ќе биде наша одговорност и наш проект. Мораме ефективно да одговориме на изразениот гнев“, порача Макрон.
Пред насобраните граѓани истакна дека „Франција избра хуманистички, амбициозен проект за независноста на земјата, но и за Европа“.
„Европски проект, социјален, еколошки, заснован на работа и на создавање, проект за ослободување на нашите академски сили. Ќе бидам негов носител во годините што доаѓаат, но и складиште на поделбите и разликите што се изразени. Ќе обезбедувам почит за сите и ќе продолжам да работам за поправедно општество и за еднаквост меѓу жените и мажите, додаде тој.
Но, тој е свесен дека годините кои доаѓаат нема да бидат мирни.
„Ќе мораме да бидеме амбициозни. Војната во Украина е тука за да нè потсети дека Франција мора да го крене гласот за да ја покаже јасноста на своите избори и да ја покаже својата сила во сите области“, истакна 44-годишниот Макрон на Шан-де-Марс.