Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „никогаш не замислувал дека целиот свет ќе се собере зад Украина толку брзо и сигурно“, за време на состанокот кој САД го организираа со повеќе од 40 земји за да ја координираат безбедносната помош за Украина.
При отворањето на разговорите во воздухопловната база Рамштајн во Германија, Остин рече дека целта е „да и се помогне на Украина да победи во борбата против неправедната инвазија на Русија и да и се помогне во изградбата потоа како дел од предизвиците во иднина“, пренесува „Гласот на Америка“.
Состанокот следува по патувањето на Остин и на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Киев, каде што ветија поголема воена помош за Украина и дека ќе продолжат да анимираат и други нации за поддршка.
„Руската инвазија е неодбранлива, а исто така и руските злосторства“, рече Лојд. „Сите ние денес почнуваме од позиција на морална јасност. Русија води војна по избор се да препушти на амбициите на еден човек. Украина води неопходна војна за да ја одбрани својата демократија, нејзиниот суверенитет и нејзините граѓани, рече Остин на средбата со претставници од 40 земји кои не се членки на НАТО во воздухопловната база Рамштајн, крај Франкфурт.

Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди на опасноста конфликтот да прерасне во Трета светска војна, изјавувајќи вчера дека „НАТО, во суштина, е вклучен во војна со Русија преку полномошник“.
„Опасноста е сериозна, реална е, не можете да ја потцените“, изјави тој за новинската агенција Интерфакс.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба подоцна објави на Твитер дека Русија ја изгубила и својата „последна надеж да го исплаши светот да не ја поддржи Украина“.
„Ова само значи дека Москва чувствува пораз во Украина“, рече Кулеба. „Затоа, светот мора двојно да ја поддржи Украина за да победиме и да ја заштитиме европската и глобалната безбедност“, напиша Кулеба на Твитер.